Цените на становите во центарот на Скопје достигнаа 3.000 евра за метар квадратен

Цените на становите во новите згради во централното подрачје на Скопје достигнаа 3.000 евра за метар квадратен, а пад на цените не се очекува, напротив, стручњаците сметаат дека е пожелно тие да се задржат на ова ниво. Ова синоќа во емисијата Бизнис 21 го истакнаа Иван Живковски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, и Фросина Ушлиновска, претставник на групацијата за недвижности при Стопанската комора.

Живковски посочи дека највисоките цени се регистрирани во општините Центар и Карпош. „Цените на новите згради се движат од 2.400 до 3.000 евра за метар квадратен, а во некои случаи достигнуваат и 3.100 евра по квадрат“, изјави тој.

Според Ушлиновска, растот на цените се должи на зголемената побарувачка, шпекулациите на пазарот и менталитетот на граѓаните дека стан мора да се купи за децата. Таа додаде дека во моментов пазарот функционира без соодветна регулатива, што довело до неконтролиран раст на цените.

„Потребно е итно да се донесе Закон за промет со недвижности, кој ќе го регулира работењето на сите учесници на пазарот и ќе овозможи лиценцирање на агенциите за недвижности, кои во земјава се над 200“, рече Ушлиновска. Таа потенцираше дека ваквата регулатива ќе овозможи јасни упатства за цените на недвижностите и ќе го исчисти пазарот од непрофесионални актери.

Ниту еден од стручњаците не е оптимист дека цените на становите ќе паѓаат. Живковски истакна дека стабилни цени со евентуален благ пад би биле најдобро решение за пазарот, додека Ушлиновска прогнозира дека цените веројатно ќе продолжат да растат, прилагодувајќи се на инфлацијата.

Податоците од Катастарот покажуваат дека во третиот квартал од 2025 година е продаден стан од 91 квадрат во центарот на Скопје за 280.000 евра, што ја одредува цената на квадратен метар на над 3.000 евра.

Живковски потенцира дека за стабилизација на пазарот е потребна координирана акција и мерки од повеќе институции, со цел да се одржи одржливост и достапност на недвижностите во земјава.