Центри за плодност користеле сперма од забранет донатор и заменувале јајце клетки меѓу пациентки

Користење на сперма од исклучен донатор , замена на јајце клетки и драстично непочитување на лимитот за оплодување од едно лице , се само некои од сериозните пропусти наведени во извештаите на инспекциските служби при контрола на центрите за плодност во Белгија.

Извештаите се однесуваат на инспекции спроведени од белгиската Федерална агенција за здравство, благосостојба и спорт помеѓу 2019 и 2025 година во 46-те белгиски центри за плодност. Белгиските медиуми наведуваат дека наодите во извештаите укажуваат дека проблемите во овие центри се многу поголеми отколку што тоа се мислело досега.

Оплодување со сперма од донатор со ризик од рак

При овие контроли е утврдено дека во 2023 година во еден центар за плодност, жена била оплодена со сперма што требало да биде повлечена од употреба. Причината за повлекувањето е што кај дете зачнато со сперма од истиот донатор била дијагностицирана генетска модификација што ги зголемува ризикот од појава на рак, која се наследува од таткото.

По утврдувањето на оваа аномалија, донаторот бил ставен во категоријата „неподобен“, што значи дека неговата сперма повеќе не смеела да се користи. Сепак, со неа била оплодена жена, која веќе родила дете. Засега нема информации дали истата генетска модификација ја има и кај ова дете. Контролите утврдиле дека со сперма од овој донатор биле оплодени вкупно пет жени.

Иако инспекторите предложиле да му биде одземена лиценцата на центарот и го доставиле случајот до Јавното обвинителство , Обвинителството ја отфрлило пријавата. Вработените во центарот изјавиле дека „не биле свесни дека донаторот е исклучен“. Центарот ја задржал лиценцата затоа што било утврдено дека „ги имплементирал сите дадени препораки“.

Замена на ембриони и кршење на лимити

Инспекторите откриле и дека во два центри за плодност имало случаи на замена на јајце клетки меѓу различни жени. Во извештајот се наведува дека „еден центар самиот утврдил дека ембрион бил вбризган во погрешна пациентка поради човечка грешка“. Сличен инцидент со замена на ембриони бил утврден и во друг центар. Овие замени се случиле во 2022 и во 2024 година, но нема информации дали оплодените жени ги родиле децата.

Утврден е и случај каде сперма од еден донатор од Данска била користена за оплодување на над 50 жени во Белгија, и покрај законскиот лимит од максимум шест жени. Дополнително, утврдено е дека генетиката и на овој донатор носи зголемен ризик од појава на рак.

Фалсификати, нестерилни пипети и „измамнички практики“

Контролите откриле и низа други неправилности:

  • Погрешна идентификација: Во еден центар, на епрувета со сперма „по грешка“ било запишано името на друга жена. Грешката ја увидел лабораториски техничар и спермата не била искористена. Инспекторите го оквалификувале ова како „сериозен несакан настан“.
  • Нестерилна опрема: Утврдено е дека пумпите на пипетите за сперма не се стерилизираат по секоја употреба, што „претставува потенцијален ризик од вкрстена контаминација и мешање на примероците“.
  • Фалсификување: Откриен е доктор кој во документите наведувал дека пациентки биле оплодувани во болница, иако постапката всушност се одвивала во неговата приватна ординација. Ова е противзаконско бидејќи оплодување смее да се врши само во акредитирана болница. Иако случајот е пријавен во Обвинителството, Агенцијата нема информации дали е покрената постапка.
  • Измама: Во извештаите се наведени и утврдени „измамнички практики од страна на специјалисти за плодност“ за кои се покренати постапки од Обвинителството, но детали не се обелоденети во интерес на истрагата.

Агенцијата која ги врши инспекциите посочува и дека има недостиг на персонал за „темелна инспекција“, поради што врши помалку контроли од законски пропишаните, а тие понекогаш траат со години.

Белгискиот министер за здравство, Франк Ванденбруке, изјави дека извештаите не даваат убава слика. „Извештаите покажуваат дека центрите биле невнимателни. Ова е навистина неприфатливо… Сега е време центрите за плодност да се погледнат во огледало“, изјави Ванденбруке.