Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) попладнево информираше дека е активиран прагот на алармирање за загаденост на воздухот во Кичево и Струмица. Поради енормно високите концентрации на канцерогените ПМ10 честички два дена по ред, стапуваат на сила вонредни мерки и препораки за заштита на здравјето.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, опасната граница од 150 mg/m3 била надмината во текот на два последователни денови (16 и 17 декември), а прогнозата на УХМР не предвидува значително подобрување на состојбата.
Колку е загадено?
Мерните станици ги регистрирале следните среднодневни концентрации:
- Кичево:
- 16.12.2025: 181.82 mg/m3
- 17.12.2025: 175.40 mg/m3
- Струмица:
- 16.12.2025: 153.11 mg/m3
- 17.12.2025: 156.98 mg/m3
Мерки и препораки (Важат за Струмица и погодените подрачја)
Согласно настанатата состојба, Министерството ги активира следните мерки за заштита на населението:
1. Ослободување од работни обврски Се препорачува на сите работодавци да ги ослободат од работа најранливите категории граѓани:
- Бремените жени;
- Лицата постари од 60 години;
- Лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар (со препорака од матичен лекар).
2. Реорганизација на работното време За лицата кои работат на отворено, се препорачува работното време да се реорганизира и да се избегнува работа во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
3. Забрани и контроли
- Се воведува забрана за одржување на спортски натпревари и културни манифестации на отворено.
- Интензивирање на инспекциските надзори на инсталациите (фабриките) со А и Б-интегрирани дозволи.
- Засилени контроли на градилиштата и техничката исправност на возилата (особено дизел возила).
- Строга забрана за горење на отворено.
Индустриските капацитети со континуиран мониторинг се задолжени да овозможат јавен пристап до измерените податоци за емисиите.