Македонија

ЦУК воведува интелигентни камери: 24-часовен „вештачки вид“ ќе ги лоцира шумските пожари во критичните зони

ЦУК воведува интелигентни камери: 24-часовен „вештачки вид“ ќе ги лоцира шумските пожари во критичните зони

Центарот за управување со кризи (ЦУК) започна нов пилот-проект за поставување интелигентни камери за рана детекција на пожари. Камерите се веќе распоредени во неколку критични зони низ државата и ќе бидат под деноноќен, 24-часовен надзор на Оперативниот центар на ЦУК.

Проектот се реализира во соработка со домашна компанија, а неговата главна цел е навремено откривање на шумските пожари на тешко пристапни терени, што ќе овозможи побрза реакција на пожарникарите и поефикасна координација на терен.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, истакна дека воспоставувањето на ваков систем за рано откривање со години беше врвен приоритет за институцијата.

„Денес со задоволство соопштувам дека ја реализиравме оваа цел. Овие интелигентни камери ќе овозможат значително побрза реакција, поефикасна соработка меѓу службите и максимална заштита на нашите шуми, имотот и безбедноста на граѓаните. Заштитата на животната средина и луѓето ни се на прво место“, изјави Али.

Од Центарот за управување со кризи оценуваат дека со овој пилот-проект се отвора целосно ново поглавје во националниот систем за заштита и спасување. Наместо да се чека пријава од граѓани кога огнот веќе е разгорен, современата технологија ќе овозможи лоцирање на чадот во почетна фаза, спречувајќи катастрофални последици по природните богатства.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни