Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обиде да ја убеди италијанската премиерка Џорџија Мелони да се откаже од цигарите за време на меѓународниот самит за Газа во египетското одморалиште Шарм ел Шеик. Разговорот меѓу двајцата лидери, кој се одржа на маргините на форумот, брзо стана вирален на социјалните мрежи.
„Изгледаш одлично, но морам да те натерам да престанеш да пушиш“, и рекол Ердоган на Мелони , според видеоснимката објавена од италијанскиот весник „Ил Фољо“ и други медиуми.
Видеото можете да го погледнете ТУКА
Францускиот претседател Емануел Макрон , кој бил до нив, веднаш се насмеа: „Невозможно е!“
„Знам, знам“, одговори Мелони , додавајќи дека откажувањето од пушење може да ја направи помалку дружељубива. „Не сакам никого да убијам “, се пошегува италијанскиот премиер.
Во книга базирана на серија интервјуа, Мелони признала дека повторно почнала да пуши откако престанала да пуши 13 години. Таа исто така рекла дека пушењето ѝ помогнало да се зближи со други политичари, вклучувајќи го и тунискиот претседател Каис Саид.
Турскиот претседател е познат по својата активна кампања против пушењето . Во последниве години, Турција постигна значителен напредок во контролата на тутунот преку забрани, регулативи, медиумски кампањи и здравствени програми.
Самитот во Шарм ел Шеик се одржа со цел да се зајакне примирјето меѓу Израел и Хамас и да се постигне траен мир во регионот. На форумот присуствуваа повеќе од 20 светски лидери, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон , британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.