Тузла: Бројот на жртвите од пожарот во Домот за пензионери се искачи на 17

Бројот на загинати лица во трагичниот пожар што неодамна го зафати Домот за пензионери во Тузла се искачи на 17, откако во изминатите 24 часа починаа уште две хоспитализирани кориснички.

Станува збор за две жени кои беа на лекување во Универзитетско-клиничкиот центар (УКЦ) Тузла.

„Во моментов, во УКЦ, на Клиниката за интерни болести хоспитализирани се уште двајца пациенти,“ соопштија од тузланскиот УКЦ, пренесе сараевскиот портал „Кликс“.

Од Обвинителството на Тузланскиот кантон најавија дека денеска ќе бидат издадени наредби за обдукција на телата на починатите кориснички.

  • Пожарот избувна на 4 ноември.
  • На самото место загинаа 11 лица.
  • Повредени беа повеќе од 30 лица.

Обвинителството на Тузланскиот кантон претходно информираше дека првичните наоди на вештаците укажуваат оти пожарот најверојатно бил предизвикан од краток спој на кабел од радиоприемник. Кабелот бил механички и термички оптоварен бидејќи бил притиснат меѓу душекот, ѕидот и металниот дел од креветот.

Во тек е истрагата на посебниот истражен тим на Обвинителството, кој спроведува дејствија и прибира докази за целосно утврдување на сите релевантни факти околу трагедијата.