23-годишниот З.Р. е уапсен, откако е осомничен за палење на автомобилот на инфлуенсерот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе.
Откако беше утврден неговиот идентитет, дежурниот обвинител во Првото основно јавно обвинителство во Белград му одреди притвор до 48 часа, соопшти обвинителството.
Според обвинителството, З.Р. е осомничен за палење на Мерцедес-Бенц Брабус што го користел Богдан Илиќ во ноќта од 15 кон 16 февруари, односно од недела кон понеделник.
Тој е обвинет за кривично дело предизвикување општа опасност. Осомничениот ќе биде приведен во обвинителството на сослушување во законскиот рок, по што ќе се донесе одлука за понатамошни дејствија, се вели во соопштението.
Според достапните информации, внатрешноста на возилото е целосно уништена, а топлината ги скршила и прозорците.
Недолго по инцидентот, се огласи и Бака Прасе на социјалните мрежи со видео од уништеното возило пред зградата. Се обидел целата ситуација да ја претвори во шега, објавувајќи лажен оглас за продажба на автомобили.
„Оглас за автомобил, Brabus 800 4×4. Прв сопственик, баба го возеше до пазарот. Година 2022, малку исполиран и како нов. Во возна состојба, ентериер по нарачка. Кого го интересира, DM“, вели тој.
