Поранешниот директор и високо етаблиран функционер во структурите на ДУИ, Бујар Даришта, е лишен од слобода во големата полициска акција што се спроведе ноќеска. Според првичните информации, тој се сомничи за инволвираност во шема за перење пари и економски криминал.
Во масовната операција, реализирана ноќеска и рано изутринава (17 кон 18 декември 2025 година), полицијата привела повеќе од десет лица. Акцијата ја предводеше Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) при БЈБ, под директно раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Инспекторите, постапувајќи по судски наредби, „чешлале“ повеќе локации во Скопје и Куманово. Целта е разбивање на организирана криминална група инволвирана во корупција.
При претресите, неофицијално се пронајдени и одземени:
- Голема количина на парични средства во различни валути;
- Мобилни телефони, лаптопи и хард дискови;
- Обемна финансиска документација која треба да послужи како доказ во постапката.
Во моментов, полициските екипи вршат претреси и во два правни субјекти (фирми) на територијата на Скопје и Куманово, кои се поврзуваат со осомничените.
Од МВР и Обвинителството се очекуваат повеќе официјални детали и потврда на идентитетите во текот на денот.