Попладнево, полицијата приведе сопственик на добиток кој подолго време предизвикува материјална штета на приватни имоти во подрачјето на Крива Паланка и го загрозува сообраќајот на околните патишта.
Според информации на локалните жители, приведувањето било извршено поради закани по живот што сопственикот ѝ ги упатувал на група граѓани кои претходно пријавиле штета од неговите крави.
За време на полициската акција, неговите две ќерки се обиделе да го спречат апсењето и да им се спротивстават на службените лица. Приведениот маж е поранешен полициски службеник, што дополнително ја усложнило постапката.
И покрај интервенцијата, дел од добитокот бил ослободен од страна на сопственичките и продолжил да се движи слободно во населбата, при што и натаму претставува опасност за имотот и безбедноста на жителите.
Локалното население реагира дека проблемот не е решен и дека, сè додека не се обезбеди трајна контрола врз животните, ќе продолжат да трпат материјални штети и да се соочуваат со ризици во сообраќајот.