Уапсени 15 лица во Србија, осомничени се дека го оштетиле ЕПС за милион евра

По наредба на Специјалното одделение за борба против корупцијата на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на Управата за криминалистичка полиција го уапсија поранешниот вршител на должноста директор на ЈП Електропривреда Србија (ЕПС) а.д. Милорад Грчиќ и уште 14 лица поради постоење основи на сомнение дека во периодот од 2018 до 2021 година со сторени различни кривични дела на штета на наведеното јавно претпријатие прибавиле материјална корист за себе и за други кои потоа ја вбризгувале во законски парични текови.

Главниот јавен обвинител на ВЈТ во Белград, Ненад Стефановиќ, посочи дека против овие лица ќе биде спроведена истрага поради постоење основи на сомнение дека ја злоупотребиле службената положба и овластувања во врска со јавните набавки за ЈП ЕПС и го оштетиле ЈП за повеќе од 100 милиони динари, во кој износ за себе прибавиле противправна имотна корист.

Некои обвинети се товарат за давање и примање поткуп во вид на парични подароци, кои потоа го прикриле со сторено кривично дело перење пари, изјави Стефановиќ.

Тој додаде дека Обвинителството ќе нареди и поведување финансиска истрага против осомничените и нивните поврзани лица.

„Ова е само почеток на големата, најавена акција за сузбивање на корупцијата и во наредните денови очекувам натамошни реализации за кои јавноста навремено ќе биде информирана“, потенцираше главниот јавен обвинител.

Покрај Грчиќ, по наредба на обвинителството, од слобода се лишени и координаторот во Секторот за ИКТ работи во ЈП ЕПС И.М., вработената во овој сектор Н.С., директорот на фирмата „Тим Системс“ д.о. Белград Т.А, де факто сопственик на „Тим системи“ А.П. и одговорно лице во таа фирма Н.В., директор на ПД „Интелсек“ д.о.о. Белград М.Б., директор на ПД „ХРЦ Хореца“ д.о.о. М.М, како и К.М, П.Г, М.Р, И.Р.

Исто така, од слобода се лишени и раководителот на Одделението за системи за техничка заштита и ИТ безбедност во Секторот за автоматска обработка на податоци, подружница РБ Колубара Љ.С, директор на Фудбалскиот клуб „Борац“ од Лазаревац, Д.Б. и К.Б.

Осомничените се товарат за кривичните дела Злоупотреба на службената положба, Злоупотреба на положбата одговорно лице, перење пари, примање поткуп, давање поткуп и тргување со влијание.

На сите лица лишени од слобода по наредба на обвинителството им е одреден притвор до 48 часа и за тоа време ќе бидат спроведени на распит.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното