Македонија

УХМР најавува дожд, грмежи и заладување: Викендов температурите ќе паднат

УХМР најавува дожд, грмежи и заладување: Викендов температурите ќе паднат

Променливо облачно време со дожд, засилен ветер и пад на температурите ја очекува земјава во текот на претстојниот викенд, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Под влијание на циклонска активност, на места ќе има поројни и пообилни врнежи, при што локално се очекува да наврнат над 15 литри дожд на квадратен метар. Врнежите ќе бидат проследени со грмежи и засилен ветер, претежно од северен правец, со брзина над 40 километри на час.

Од сабота ќе започне и пад на дневните температури, а заладувањето ќе биде проследено со посвежо време во наредните денови.

Според УХМР, по викендот се очекува релативно стабилно и посвежо време, кое ќе се задржи до средината на следната седмица.

И во Скопје за време на викендот ќе има променливо облачно време со сончеви периоди. Во одредени делови од Скопската Котлина се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Од УХМР предупредуваат дека локално пообилните врнежи и засилениот ветер можат да создадат краткотрајни проблеми, особено во подрачјата погодени од нестабилното време.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни