Управата за јавни приходи (УЈП) и Стопанската комора на Северна Македонија ги здружуваат силите за да обезбедат успешна и непречена имплементација на новиот систем за електронско фактурирање, кој претставува една од клучните реформи во дигитализацијата на даночниот систем. Ова беше договорено на денешната средба меѓу делегација на УЈП, предводена од директорката Елена Петрова, и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
На состанокот, УЈП ја презентирала динамиката и активностите за воведување на системот за е-фактурирање, по што двете страни се согласиле на интензивна соработка. Стопанската комора активно ќе ги вклучи своите ресурси и капацитети со цел навремено да ги информира и подготви компаниите за практичната примена на новиот систем.
Соговорниците заеднички оцениле дека овој проект ќе има значајно позитивно влијание врз македонското стопанство. Како главни придобивки биле посочени унапредувањето на деловната транспарентност, намалувањето на административните трошоци за фирмите и создавањето на ефикасна алатка за борба против сивата економија.
Од Управата за јавни приходи истакнаа дека остануваат доследни на својата определба за градење партнерски однос со даночните обврзници, кои ги сметаат за клучни носители на економскиот развој на државата.