Македонија

УЈП: Студентите не се „на удар“ – нема нови даноци за сезонската работа во Германија

УЈП: Студентите не се „на удар“ – нема нови даноци за сезонската работа во Германија

Управата за јавни приходи реагираше на медиумските написи во кои се тврди дека студентите се „на удар“ поради обврската за плаќање данок за сезонска работа во Германија, нагласувајќи дека станува збор за погрешни толкувања и дезинформации.

Од институцијата потенцираат дека не се воведени нови давачки, ниту пак се бара исполнување на обврски кои не се предвидени со закон. Активностите, како што велат, се насочени кон воспоставување ред во оданочувањето и еднаква примена на законските правила за сите граѓани.

„Нашиот пристап не е репресивен, туку едукативен – целта е да се поттикне доброволно пријавување и навремено плаќање на даноците преку јасно информирање“, велат од Управата за јавни приходи.

Во изминатиот период, институцијата објавила повеќе информативни материјали, како и одговори на најчесто поставувани прашања, со цел граѓаните полесно да ги разберат своите обврски. Дополнително, биле испратени и персонализирани известувања до сите лица кои во текот на 2025 година оствариле приход од странство, меѓу кои и студенти ангажирани на привремена работа.

Од УЈП децидни – никој не е цел на притисок, туку станува збор за активности со кои се подигнува свеста за законските обврски.

Воедно, се потенцира дека не постои двојно оданочување на истиот приход, бидејќи тоа е регулирано со меѓународни договори. Сепак, секој даночен резидент на државата има законска обврска да го пријави доходот остварен во странство, без разлика каде е заработен.

Според законската дефиниција, за резидент се смета лице кое има постојано живеалиште во земјата или престојува повеќе од 183 дена во период од 12 месеци, односно чиешто средиште на животни интереси е во Македонија.

Во таа насока, студентите кои работеле во Германија пократко од 183 дена се сметаат за македонски даночни резиденти и имаат обврска да го пријават својот приход преку електронскиот систем на УЈП, како и да поднесат пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец.

Данокот за ваквиот доход, согласно законите и договорот за избегнување двојно оданочување со Германија, се плаќа во Македонија. По одобрување на пресметката од страна на УЈП, даночниот обврзник добива налог за плаќање, кој треба да се реализира најдоцна до 15-ти во месецот.

Од институцијата посочуваат и дека, според достапните информации, данокот кој бил задржан во Германија во многу случаи им бил вратен на студентите од страна на германските власти, по што истиот приход станува предмет на оданочување во Македонија.

УЈП апелира граѓаните навремено да ги исполнуваат своите обврски и да се информираат преку официјалните канали, со цел да се избегнат недоразбирања и евентуални санкции.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни