Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека рано утринава Русија извршила напад со балистичко оружје врз Киев, како последица на што избувнале неколку пожари, а три лица се повредени.
Во соопштението беше наведено дека пожарникарите ги отстрануваат последиците во Дарничкиот, Оболонскиот и Соломјанскиот регион, објави Украинска Правда.
На една локација се урна зграда и се запалија три паркирани автомобили во близина, а пожарот во меѓувреме е изгаснат. Во Оболонскиот регион избувнал пожар во фабрика за мебел, а пламенот се проширил и на друга магацинска зграда, јавува Танјуг.
На друга адреса делумно се урнати третиот, четвртиот и петтиот кат од петкатен деловен центар. Во Соломјанскиот регион имало пожар на отворен простор на некои жаришта и опожарена е фасада на магацинска зграда.