Македонија

УНЕСКО повторно предупредува: Охридскиот регион се соочува со ризик да заврши на Листата на светско наследство во опасност

УНЕСКО повторно предупредува: Охридскиот регион се соочува со ризик да заврши на Листата на светско наследство во опасност

Охридскиот регион повторно се најде под зголемено внимание на УНЕСКО, кое оценува дека заканите за неговата исклучителна универзална вредност сè уште не се отстранети. Организацијата предупредува дека напредокот во спроведувањето на препораките останува ограничен и бара итни мерки за зачувување на природното и културното наследство.

Во најновиот документ со анализа на состојбата на регионот, Центарот за светско наследство на УНЕСКО наведува дека Охрид продолжува да се соочува со сериозни проблеми поврзани со слабостите во управувањето, неконтролираната урбанизација, нелегалната градба, загадувањето и доцнењето на клучните инфраструктурни проекти.

Според оценката на организацијата, иако постојат институции, комисии, стратегии и планови за заштита, тие досега не донеле доволно одржливи промени за долгорочно зачувување на регионот.

Една од главните забелешки е дека системот за управување со Охридскиот регион не функционира како единствена целина. УНЕСКО бара вистински заеднички и прекуграничен пристап меѓу Македонија и Албанија, со подобра координација во заштитата на езерото и неговото крајбрежје.

Особено внимание е посветено на потребата од целосна Стратешка оцена на влијанието врз животната средина, која треба да ги покаже кумулативните последици од инфраструктурните, туристичките и урбанистичките проекти.

Од УНЕСКО предупредуваат дека без ваква анализа не може точно да се процени каков притисок создаваат планираните и тековните проекти врз езерото, природните живеалишта и културното наследство.

Како ризични се посочуваат и големите инфраструктурни проекти, меѓу кои и оние поврзани со Коридорот 8, за кои треба детално да се утврди нивното можно влијание врз заштитеното подрачје.

Нелегалната градба останува еден од најголемите проблеми. УНЕСКО наведува дека нема доволно информации за тоа дали во извештајниот период биле отстранети дивоградби и повторно бара детална анализа на сите нелегални објекти и нивното влијание врз светското наследство.

Како пример повторно се посочува случајот со хотелот „Лагадин“, кој според УНЕСКО укажува на проблеми во спроведувањето на законските процедури.

Организацијата оценува дека нема напредок ниту кај 19-те детални урбанистички планови за кои претходно било утврдено дека можат негативно да влијаат врз статусот на регионот. Се бара запирање на нови урбанистички промени додека не биде завршена стратешката проценка.

Посебна загриженост е изразена и за комплексот „Горица 3“, каде УНЕСКО бара прекин на градежните активности додека не се направат сите потребни анализи за влијанието врз заштитеното подрачје.

Проблем останува и управувањето со отпадните води и отпадот. Според УНЕСКО, загадувањето и понатаму претставува сериозна закана за екосистемот на Охридското Езеро, а проектите за подобрување на колекторскиот систем доцнат.

Македонија и Албанија се повикуваат итно да ги забрзаат проектите за собирање и третман на отпадни води, како и создавањето регионална инфраструктура за управување со отпад.

УНЕСКО предупредува и дека доцни законската заштита на клучните природни подрачја. Прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчиштевото мочуриште за природен парк е во постапка од 2021 година, но сè уште нема јасни рокови за завршување.

Конечната одлука за идниот статус на Охридскиот регион треба да ја донесе Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 48-та седница, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја. Комитетот може да го усвои предлогот, да го измени или повторно да го одложи гласањето.

Владата на Македонија претходно изрази оптимизам дека Охрид ќе го задржи сегашниот статус. Министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека очекува позитивен исход, потсетувајќи дека сличен предлог во 2025 година беше одложен по реакција на земји-членки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни