Управниот одбор на „Комунална“: Директорите и Арсовска се виновни за хаосот, штетен анекс потпишан зад наш грб ја блокира фирмата

Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје денеска излезе со алармантно соопштение до јавноста, отфрлајќи ја сета одговорност за хаосот со сметот во главниот град и вперувајќи го прстот директно во директорите назначени од градоначалничката Данела Арсовска и во неа како основач. Според одборот, причина за финансискиот колапс на претпријатието е „максимално економски штетен“ анекс-договор, потпишан зад нивен грб, со кој парите на „Комунална“ се задржуваат во ЈП „Водовод и канализација“.

Одборот во целост ги демантираше тврдењата дека го блокирале работењето на претпријатието. Тие наведуваат дека во изминатите четири години ги изгласале СИТЕ планови за јавни набавки, инвестициони програми и оперативни планови предложени од директорите, за што приложуваат и докази со конкретни броеви на одлуки.

„Мора да нагласиме дека реализацијата на сите овие програми и планови е законска обврска на ДИРЕКТОРИТЕ на Претпријатието“, се вели во соопштението.

Штетниот Анекс со „Водовод“

Според Управниот одбор, клучниот удар врз претпријатието се случил во ноември 2023 година, кога тогашниот директор потпишал Анекс на договорот со ЈП „Водовод и канализација“ без знаење и без законски неопходна одлука од Управниот одбор. Со тој анекс, парите од наплатата од граѓаните, наместо да се префрлаат секојдневно, ЈП „Водовод“ добило право да ги чува на своја сметка и да ги префрла дури до 10-ти во следниот месец.

„На овој начин, ЈП Комунална хигиена-Скопје е доведено во максимално неповолна позиција да не може да ги користи СОПСТВЕНИТЕ средства. ЈП Водовод и канализација не се придржува ниту до овој рок и средствата ги исплаќа со уште поголемо задоцнување“, тврди одборот.

Одборот информира дека откако дознале за ова, веднаш донеле одлука за поништување на анексот и за утужување на ЈП „Водовод“ (одлука од 24.07.2025). Тие, исто така, спречиле обид да се потпише и втор, уште поштетен анекс, со кој и парите од фирмите би легнувале на сметката на „Водовод“.

Аларми до Арсовска, но без одговор

Одборот тврди дека повеќепати ја алармирале градоначалничката Арсовска за катастрофалната финансиска состојба и намалениот капацитет за собирање смет. Тие уште на 19 јуни 2025 година побарале и разрешување на в.д. директорот Сабахадин Рустеми.

„Од страна на градоначалничката Арсова освен навредливи обраќања кон Управниот одбор немаше ниту едно конкретно преземено дејствие со цел решавање на проблемите“, се вели во писмото.

Управниот одбор на 13 октомври побарал од в.д. директорот итно да ги сервисира возилата и да побара помош во механизација од другите јавни претпријатија за да се надмине кризата, но од негова страна, како што велат, немало „НИКАКВА реакција“.

Поради сомнежите за неправилности, Управниот и Надзорниот одбор на 8 октомври побарале и вонредна ревизија од Државниот завод за ревизија. Одборот додава и дека раководството не им ги доставило задолжителните тримесечни финансиски извештаи, ниту е реализирана задолжителната независна ревизија за 2024 година.