Политичка партија поднесе тужба против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК), која ја поништи нивната листа за Совет на Град Скопје поради тоа што на неа било пронајдено починато лице меѓу кандидатите.
Денес, Управниот суд ја одби тужбата, со што одлуката на ДИК останува во сила.
„Сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје кои ќе бидат дадени за оваа политичка партија ќе се сметаат за неважечки. Такви насоки се веќе доставени до избирачките одбори во Скопје,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Вчера, ДИК објави дека на кандидатската листа за членови на Советот на Град Скопје, поднесена од еден политички субјект, се нашло име на починато лице.
„Поради тоа, ДИК ја поништи потврдената листа и писмено го извести Јавното обвинителство, кое ќе ги провери сите податоци и ќе постапи согласно своите надлежности,“ додаде Кондарко.