Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка, стотици илјади луѓе без струја и интернет

Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка.

Со брзина на ветровите што се приближуваа до 300 километри на час, ураганот од категорија 5, највисок на скалата Сафир-Симпсон, вчера околу пладне стигна до копното во западна Јамајка.

Тоа беше најлошиот ураган што ја погоди Јамајка откако почнаа да се водат евиденции, а премиерот Ендру Холмс го прогласи островот за „зона на катастрофа“.

Во Света Катерина, во централна Јамајка, реката Рио Кобре се излеа од своите корита, а силните ветрови урнаа огради и покриви. Света Елизабет, парохија на југозападниот дел од островот со население од 150.000 жители и „житница“ на Јамајка, беше поплавена, изјави локалниот функционер Дезмонд Мекензи на прес-конференција. „Штетата во Света Елизабет е значајна, цела Јамајка ги претрпе разорните последици од Мелиса“, рече тој, додавајќи дека неколку болници се оштетени.

Дури и пред да стигне до копното, ураганот уби три лица на Јамајка, која се подготвуваше за неговото пристигнување, како и уште три лица на Хаити и едно лице во Доминиканската Република. Во Хаити, властите наредија затворање на училиштата, бизнисите и владините канцеларии во среда. ОН објавија во вторник дека итно ќе превезат околу 2.000 пакети помош од Барбадос до Јамајка.

Хуманитарните работници се подготвуваат за најлошото

Хуманитарните организации чекаат целосниот обем на уништувањето што го остави Мелиса да стане јасно. Брајан Богарт од Светската програма за храна изјави за Би-Би-Си дека бурата ќе биде една од најлошите катастрофи во историјата на регионот.

„Се плашам дека сцените ќе потсетуваат на најлошите катастрофи што сум ги видел“, рече Богарт.

Тој додаде дека испораката на помош ќе зависи од тоа колку е оштетена инфраструктурата. „Кога мостовите се срушени, а патиштата се скршени, тешко е да се добие храна и да се разбере што навистина им е потребно на луѓето ако не сме во контакт со нив“, рече тој.