Уште еден сведок па во судница ќе се читаат обдукциите на загинатите во Пулс, ќе се повикаат и патолози од Судска медицина

Само еден сведок денеска беше присутен во судницата во Идризово за случајот „Пулс“. Останатите сведоци не може да се обезбедат ниту со полиција, информираше денеска судијката Диана Груевска Илиевска.

„Од МВР ме информираа дека сведокот не е достапен за органите на прогонот“, рече судијката.

Заради ефикасност на постапката, судијката денеска предложи на следното рочиште да се сослуша уште еден сведок и да се започне со изведување на материјални докази. Првично е предложено да се читаат обдукциите, а потоа да се викнат и патолози од Судска медицина, за да се има основ за поставување прашања и обвинетите, а и јавноста да биде запознаена со содржината.

Според наводите во обвинителниот акт кој го поседува 4NEWS.mk, Обдукциските наоди покажуваат дека најголемиот дел од жртвите починале како последица на насилно задушување, кое најчесто било предизвикано од труење со јаглероден моноксид (Asphyxia violenta propter intoxicatio cum oxydum carbonicum) во просторијата која брзо се исполнила со чад и токсични продукти од согорувањето. Меѓу починатите од оваа причина се наоѓаат десетици посетители, вклучувајќи и шест малолетни деца.

Покрај труењето со гасови, медицинските вештачења откриваат и други стравични причини за смрт кои сведочат за хаосот кој настанал во објектот. Дел од жртвите починале од насилно задушување поради притисок на градниот кош (Asphyxia violenta propter compressio thoracis), што укажува на масовното туркање, паниката и паѓањето кон единствената врата за евакуација. Регистрирани се и смртни случаи поради насилно задушување од самата околина, како и поради тешки термички оштетувања на горните дишни патишта предизвикани од високата температура и отворениот оган.

Што се однесува до преживеаните посетители, дури 157 лица (од кои 20 деца) се здобиле со тешки телесни повреди, додека 65 лица (од кои 3 деца) поминале со телесни повреди. Медицинските извештаи за повредените опишуваат екстензивни изгореници од втор и трет степен на различни делови од телото, тешки инхалациски повреди на дишните органи со потреба од механичка вентилација и кислородна поддршка, како и бројни скршеници на ребра, екстремитети и нагмечувања настанати за време на стампедото.