Од Левица реагираат на одлуката на Уставниот суд.
Тие велат дека Уставниот суд решил да ја одбие Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста против Упатството на ААВМУ што се однесува на радиодифузерите за поделба на времето за рекламен простор за учесниците на изборите.
„Според ова контраверзно Упатство, иако е парламентарна партија, Левица не доби ниту една секунда простор за рекламирање на овие локални избори, а како политичка партија, Левица ни со сопствени средства, нема право на ниту една секунда – реклама, наспроти милионското расфрлање на пари од страна на ДПМНЕ и СДС.
Уставниот суд одлучи да го разгледува ова на 3 дена пред изборите и тоа: не по службена должност, туку по поднесената Иницијатива од страна на Левица.
Иако контраверзното Упатство, не е објавено во Службен весник, а по својата суштина претставува општ акт и согласно Устав мора да биде објавено за да произведува правно дејствие, ги повредува уставните начела на еднаквост и политички плурализам преку противуставната ЦЕНЗУРА, повредува меѓународни правни акти инкорпорирани во нашиот правен систем, со кои е гарантирано правото на политичко дејствување загарантирано со Европската конвенција за човекови права и со Уставот, сепак, за судиите од Уставен суд тоа не е нималку важно и штетно по уставниот поредок и „во согласност со закон“, настрана што и законот не е уставен – од причина што се работи за дискриминација на партија која е трн во око на олигархијата, нивните газди.
Цензурата на еден денес, значи режим за сите утре! Апликацијата до Европскиот суд за човекови права е во подготовка, а после денешната одлука на Уставен, убедени сме дека Република Македонија ќе загуби.
Судот во Стразбур ќе има полни раце работа по оваа одлука, а ние нема да запреме со правната и институционална борба за основните демократски права!
Со ова Уставниот суд уште еднаш покажа дека не е на нивото да ја врши својата суштинска должност – оценувањето на уставноста на правните акти!
Судии, искинете си ги дипломите!“, велат од партијата Левица.