Уставниот суд информира дека се формирани два предмета по поднесени иницијативи за оспорување на измени и дополнувања на Законот за прекршоци, кои се однесуваат на воспоставување и функционирање на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познат како проектот „Безбеден град – Safe City“.
Првиот предмет (У.бр.25/2026) се однесува на оспорување на одредби од Законот за прекршоци од 23 јануари 2026 година, меѓу кои се: член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, член 48-а („достава“), член 48-б („издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог“), член 7-б („прифаќање на одговорност за сторен прекршок“), член 48-в, член 48-г („неприфаќање на одговорност за сторен прекршок“) и член 15.
Иницијативата ја поднеле Зиадин Села, Илире Даути и Елми Азири. Тие наведуваат дека е спорно што законот на сите граѓани им наметнува обврска да поседуваат личен телефонски број и електронска адреса за комуникација во случај на прекршок. Дополнително, спорно е што во комуникацијата преку телефон или електронски систем не е предвидено почитување на член 7 од Уставот во делот на Законот за употреба на јазиците. Иницијаторите тврдат дека граѓаните не се ставени во иста положба бидејќи системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, што ја става под поголема контрола албанската заедница во овие градови.
Вториот предмет (У.бр.26/2026) се однесува на оспорување на член 48-б, 48-в и 48-г од Законот за прекршоци. Иницијатор е Или Пачуку, кој посочува дека системот се применува само во Скопје, Куманово и Тетово, а не и на целата територија на државата. Според него, ова создава селективна примена и различен третман на граѓаните според географската локација. Исто така, тој ја критикува „пилот фазата“ на проектот како нејасна и временски неограничена.
Уставниот суд ќе ги разгледа поднесените иницијативи во согласност со законските процедури, а јавноста ќе биде информирана за текот на постапките.
