На утрешната владина седница се очекува да се разгледа прашањето за високите цени на прехранбените производи и дали Владата ќе преземе чекори за нивна контрола, по двонеделниот граѓански бојкот на пазарувањето во маркетите. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на седницата ќе биде разгледан извештај од Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија, со можни мерки за контрола на цените.
„Државниот пазарен инспекторат, заедно со Министерството за економија и труд, ќе излезат со одредени параметри во јавноста. Ако системот не го почитува тоа, почнувајќи од производителите, дистрибутерите и ланците, како Влада ќе треба да преземеме поинакви дефанзивни мерки“, изјави Мицкоски. Тој нагласи дека акцијата нема да биде насочена само кон супермаркетите, туку ќе се анализираат и други економски оператори како аптеки и продавници за бела техника.
Мицкоски исто така посочи дека цените на некои производи во соседните земји се значително пониски отколку во Македонија, и тоа е нешто што треба да се разгледа. „Не може некои производи да бидат два или три пати поевтини во соседните земји, а да се работи за ист производ од ист производител“, рече премиерот.
Иако не ја исклучува можноста за донесување мерки на утрешната седница, Мицкоски нагласи дека Владата се надева дека преку дијалог ќе се постигне заедничко решение. „Не сакаме да водиме политика на интервенционизам, но ако некоја страна не ја почитува договореното, како Влада ќе мора да интервенираме“, додаде тој.
Министерот за економија Бесар Дурмиши во четвртокот изјави дека продолжуваат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. „Надзор се врши врз целокупниот процес, а се контролира и маржата која ја ставаат трговците за период од шест месеци“, истакна Дурмиши.
Во изминатите две недели, граѓаните преку социјалните мрежи беа повикани да ги бојкотираат големите трговски ланци поради високите цени на основните прехранбени производи. Првиот граѓански бојкот резултираше со намален промет во осумте најголеми трговски ланци за скоро 50 проценти, додека вториот бојкот минатиот петок предизвика пад на прометот за 22,12 проценти.
Овој бојкот започна во Хрватска и се прошири во другите земји од регионот. Во Србија, граѓаните ги повикаа да ги бојкотираат најголемите пет трговски ланци.