Православните христијани утре ќе го одбележат празникот Свети Василиј, познат и како Мал Божик. Овој ден е посветен на Свети Василиј Велики, теолог и епископ од Кесарија во Кападокија, а се празнува секоја година на 14 јануари според календарот на Македонската православна црква.
Мал Божик е празник што ги продолжува традициите поврзани со Божик, па во многу краишта се изведуваат обреди и обичаи слични на оние за Христовото раѓање. На овој ден се меси обреден леб наречен „василица,“ во кој се ставаат зрна од различни житарки, тиква, грав, дренки за здравје и метална паричка како симбол на среќа и изобилство.
Во одредени региони, остатоците од бадниковата шума се палат токму на овој ден, како дел од обичаите.
Верувања и обичаи
Се верува дека на овој ден не треба да се карате со никого, за да не го поминете остатокот од годината во конфликти. Немажените девојки често прават гатања за да дознаат дали ќе се омажат во текот на годината. Исто така, постои верување дека новата година треба да ја дочекаме будни за да биде успешна и плодна.
Во црковните храмови, верниците се молат за здравје, мир и благослови во годината што следи. Се упатуваат молитви за зачувување на православието, за плодови од земјата, за чист воздух, за дожд и за избавување од сите неволји. Овој празник носи порака за надеж, единство и духовно обновување.