Утре протест на полицајците: Синдикатот бара поголеми плати и правична пресуда

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Мартин Ефремов, денеска од пред Основниот граѓански суд во Скопје најави протест на полициските службеници за утре, како дел од напорите за изедначување на судската пракса и регулирање на минималната плата на полицајците согласно Законот за минимална плата.

Ефремов објасни дека платата на полицајците се состои од основна плата, која е за 30 проценти повисока, како и додатоци за минат труд. Според Законот за минимална плата, основната плата не може да биде помала од минималната, а додатоците се пресметуваат врз основа на ова.

„Основната плата на полицајците моментално е околу 25.000 денари, што е 1.000 денари повеќе од минималната плата. Меѓутоа, ако ги изземеме тие 30 проценти, каде е основата?“, вели Ефремов.

Тој додаде дека пред еден месец, синдикатот поднел претставка против четворица судии од скопските судови поради сомневања за непристрасност, откако тие учествувале на советување во Министерството за внатрешни работи.

„Поднесовме претставка за да се изземат овие судии, бидејќи сметаме дека сакаат да ја променат судската пракса, која веќе е потврдена од судовите во Битола и Гостивар“, рече Ефремов.

Тој исто така напомена дека протестот на полицијата ќе се одржи утре на раскрсницата кај Мавровка, каде ќе се присутни и синдикати од Европа и Балканот. Протестот ќе започне во 12:00 часот и ќе заврши пред Судскиот совет околу 13:00 часот, со пораката дека законот треба да важи за сите, а не само за полицајците.

„Ние сакаме да покажеме дека законот за полицијата не може да важи само кога треба да се казнуваат полицајците, туку и да се применува праведно за сите граѓани“, изјави Ефремов.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното