Утрово најстудено на Попова Шапка

Најстудено беше на Попова Шапка со 0 степени, а во останатите места вредностите се движеа од 2 до 11 степени. Во Лазарополе и Маврови Анови се измерени 2 степени, во Тетово и Крушево 3, во Прилеп и Претор 4, во Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Велес и Кавадарци 6 степени, во Скопје-Петровец и Битола 7, Берово и Крива Паланка 8, Струмица и Виница 9, Гевгелија 10, додека највисоката минимална температура е измерена во Штип и Демир Капија со 11 степени.

Во изминатите 24 часа наврнати се најмногу врнежи на Попова Шапка – 7 литри на квадратен метар. Во Демир Капија и Гевгелија се измерени по 5 литри, во Тетово, Лазарополе, Пожар, Ѓуриште и Пожаране по 4 литри, во Охрид и Тополчани 3 литри, во Велес и Маврови Анови по 2 литри, а по 1 литар се наврнати во Скопје-Зајчев Рид, Битола, Берово, Кавадарци, Прилеп, Виница и Струмица.

Снежна покривка утрово има само на планинските места. На Попова Шапка се измерени 30 сантиметри, а во Маврови Анови 6 сантиметри снег.

Во текот на денот времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои на места во централните и источните делови ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините се очекуваат врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а максималните температури ќе се движат од 7 до 13 степени.

Во Скопје се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд и слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.