Јавното обвинителство Битола отвори истрага за грозоморен случај на семејно насилство што се случил на улицата „Лавчанска корија“. 28-годишен битолчанец е осомничен за обид за убиство на сопствената баба, која ја претепал до таа мера што ѝ нанел повреди опасни по живот.
Крвавиот настан се случил на 17 јануари во нивниот заеднички дом.
Ја блокирал вратата и ѕверски ја удирал
Според истрагата, насилството не било моментален испад, туку имало елементи на заробеништво.
- Осомничениот најпрво ја блокирал влезната врата од куќата со фиока, оневозможувајќи ѝ на жртвата да побегне.
- Потоа почнал безмилосно да ја удира старицата со раце по главата и телото, сè додека таа не паднала во бесознание.
Лекарите констатирале тешки телесни повреди: крварење и нагмечување на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски. Жената се наоѓа во животна опасност.
Сомнеж за душевна болест – ќе се носи во Демир Хисар
По претепувањето, внукот избегал, но набрзо бил фатен од полицијата. Исказите на сведоците фрлаат нова светлина на случајот – тие посочиле на неодамнешни промени во неговото однесување и психичка состојба.
Поради сомневање дека можеби боледува од душевна болест, јавниот обвинител побара специфична мерка:
- Определување на притвор (поради опасност од бегство и повторување на делото).
- Итно префрлање на осомничениот во Психијатриската болница Демир Хисар за период од најмалку еден месец, каде што ќе се врши медицинска опсервација и психијатриско вештачење.

