Ужасен напад врз Киев, погодени се облакодери, тројца мртви, десетици повредени

Русија изврши напад со беспилотни летала врз Киев во текот на ноќта, насочен кон станбени згради. Најмалку три лица загинаа, а 29 беа повредени, меѓу кои и седум деца, соопшти Државната служба за вонредни состојби на Украина.

Според извештаите од терен, повеќе експлозии одекнале низ градот околу 2:35 часот по локално време, а официјалните лица потврдија дека за време на нападот била активирана воздушна одбрана.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека деветкатна зграда во градскиот округ Десњански е погодена, при што се оштетени вториот и третиот кат. Тимур Ткаченко, началник на Воената администрација на градот Киев, додаде дека била погодена и шеснаесеткатна станбена зграда во истиот округ, предизвикувајќи пожар. Прозорците на зградата биле скршени од првиот до деветтиот кат.

Државната служба за вонредни состојби подоцна ги негираше првичните извештаи за напад врз облакодер во областа Оболонски. Снимките објавени на социјалните мрежи покажаа голем пожар во една од погодените згради. Не беа објавени информации за состојбата на повредените.