Папата Франциск, кој пред осум дена беше хоспитализиран поради воспаление на двете бели дробови, „добро се одмори“, објави во саботата Ватикан, иако сè уште постои загриженост за неговото здравје.
„Папата Франциск добро се одмори“, се вели во соопштението на Ватикан, откако еден од неговите лекари, професорот Серџо Алфиери, негативно одговори на новинарското прашање дали папата е надвор од животна опасност, на брифингот со новинарите одржан во петокот во болницата Гемели во Рим.
Тој објасни дека „во такви случаи постои опасност патогени да влезат во крвотокот и да предизвикаат потенцијално фатална сепса“.
Токму поради оваа причина, без разлика што е „малку подобар“ и не е приклучен на никаква опрема, оправдано е да го задржат во болница „барем следната недела“, рече тој пред толпата новинари. Тој додаде дека „ќе бидат потребни денови, па дури и недели, за да се види ефективноста на терапијата што се применува“.
Папата ги прима своите најблиски соработници во болница, чита, потпишува документи и телефонира.
Франциск беше хоспитализиран на 14 февруари, првично поради бронхитис, но Светата столица во вторникот откри дека тој развил пневмонија на двете бели дробови, потенцијално фатална инфекција на белодробното ткиво.
Неговата хоспитализација, четврта од 2021 година, предизвикува сериозна загриженост бидејќи папата е веќе ослабен поради низа здравствени проблеми што ги имаше во последниве години, од операција на дебелото црево и абдоминалната празнина до отежнато одење.
Бескорисни шпекулации
Загриженоста за здравствената состојба на Франциск, кој не се појавува во јавноста од 14 февруари, дополнително се засили со ширењето на лажни информации на социјалните мрежи, особено на Х, каде што неговата смрт се известува на повеќе јазици.
Ватикан не откри дали Франциск ќе може да ја води неделната молитва Ангел Господов од болницата во недела, како што правеше во минатото.
Алфиери рече дека „папата е тој што одлучува“.
Неговата здравствена состојба повторно покренува прашања за тоа дали е способен да ја извршува папската функција, а канонското право не предвидува во случај на посериозен проблем што може да влијае на неговата трезвеност.
Истовремено, се шпекулира и за можна оставка на папата, која потекнува од противниците на Франциск, особено од конзервативните кругови.
„Имам впечаток дека сето тоа се обични бескорисни шпекулации“, изјави кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан и втор по команда, за весникот „Кориере дела сера“ во саботата.
„Фала му на Бога, вестите што доаѓаат од Гемели се охрабрувачки, тој се опоравува“, додаде тој.