Ве мрзи да се бањате? – Јапонците имаат решение за вашиот проблем!

Јапонската компанија „Сајенс корпорејшн“ (Science Corporation) ја претстави „футуристичка машина за миење луѓе“, под називот „Мирај нинген сентакуки“ (Mirai Ningen Sentakuki). Новитетот е изложен на Саемот „Осака-Кансај Експо 2025“, во градот Осака.

Самоуправувачката машина за капење е, всушност, уред-капсула со ниско седиште. Откако човекот ќе седне во неа, капакот се спушта, капсулата целосно се затвора и капењето почнува.

Капсулата постепено се полни со топла вода и посебен сапун, до нивото на градите, миејќи го корисникот. Потоа оваа вода се исцедува, а млазниците прскаат чиста вода за да ја измијат пената и нечистотијата од човековото тело.

На екранот внатре се појавуваат опуштачки слики, на пр. од подводниот свет или зајдисонца – придружени со мирна опуштачка музика. Овој необичен концепт има за цел да го промени вообичаениот начин на одржување хигиена и да ги воведе луѓето во нова ера, каде што, истовремено, се чистат и телото и умот. Целиот процес на чистење на телото трае неколку минути и не бара никаков труд или напор од човекот внатре.

Производителите нагласуваат и дека машината за капење луѓе ја минимизира потрошувачката на вода, а и содржи паметни решенија за филтрирање и повторна употреба на водата.

Делувањето е самоуправувачко, со помош на вештачка интелигенција. Притоа, прецизни сензори во капсулата постојано го мерат нивото на водата, топлината и протокот за да обезбедат максимална безбедност и удобност за човекот. Оние кои досега го пробале, се воодушевени од новиот начин на капење.  

Погледнете го видеото ТУКА