Водата во вештачката акумулација „Младост“ кај Велес останува небезбедна и строго забранета за капење и рекреација, покажуваат најновите анализи на ЈЗУ Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) – Велес. Забраната ќе остане во сила сè додека стручна институција со сигурност не потврди целосно отсуство на опасните цијанобактерии и цијанотоксини.
При санитарно-хигиенскиот увид на мерното место „Градска плажа“, стручните лица регистрирале алармантна состојба – видливо цветање на алги, зелени перничиња на површината, пивтиеста зелено-кафеава маса и појава на пена долж крајбрежјето.
Според лабораториските наоди објавени во извештајот на ЦЈЗ Велес, состојбата на водата има големи осцилации во параметрите:
- Микробиологија: Оценета како одлична.
- Физичко-хемиски параметри: Водата припаѓа на најлошата 5-та класа поради присуство на амонијак.
- Кислород и матност: Водата е класифицирана во 3-та класа.
Од друга страна, претходните анализи извршени од Хидробиолошкиот завод од Охрид (од мостри земени на 9 јуни годинава) потврдија дека водата во моментов ги задоволува критериумите единствено за наводнување. Тоа практично е враќање кон првичната намена на ова вештачко езеро, изградено во 1962 година за полевање на лозовите насади на тогашниот агрокомбинат „Лозар“.
Како да се спаси езерото? Итни мерки и инвестиција од 5 милиони денари
Стручњаците од Охридскиот хидробиолошки завод предупредуваат дека е потребен итен дотур на свежа вода во акумулацијата. Дополнително, се препорачува итно механичко чистење на површинските алги и багерирање на тињата наталожена на дното, особено во Отовичкиот Залив, кој е лоциран како најкритична и најзагадена точка.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информираше дека локалната самоуправа веќе презема конкретни чекори:
Обезбедени се над 5 милиони денари за чистење на каналот долж Отовичка Река во должина од 900 метри. Средствата се обезбедени во партнерство меѓу Владата (преку Министерството за локална самоуправа) и Општина Велес. Со овој проект целосно ќе се расчистат наталоженото ѓубре, трските и тињата.
Проектот е изработен од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, а од таму за МИА потврдуваат дека веќе е во тек постапката за чистење на Отовичкиот Залив.
Езерото „Младост“, кое важи за омилена викенд-дестинација за велешани и за бројни транзитни туристи, останува под клуч за капење веќе трето лето по ред. Властите апелираат до граѓаните строго да ја почитуваат забраната заради заштита на сопственото здравје.