Претседателот на Асоцијацијата на дијабетичари, Димче Велев, во интервју за 4tv.mk алармираше за сериозен и континуиран недостиг на антидијабетна терапија, ленти за мерење шеќер и сензори. Според неговите информации, пациентите со Тип 1 немаат сензори повеќе од еден месец, а причината лежи во неодговорното планирање и доцнењето со тендерите од страна на Министерството за здравство.
„Во изминатите 11 месеци немавме помагала, а 6,5 месеци бевме без антидијабетна и инсулинска терапија,“ изјави Велев за 4tv.mk. Како решение за овие долгогодишни проблеми, тој го посочи новиот модел на Фондот за здравствено осигурување најавен за 2027 година. Овој модел предвидува воведување референтни цени во аптеките, што би им овозможило на пациентите сами да ја подигнуваат терапијата и помагалата без прекини, со што би се избегнале политичките влијанија и административните кочници на министерството.
