Димче Велев од Сојуз на здруженија на лица со дијабетес во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ предупреди дека најголемиот предизвик за пациентите со дијабетес покрај терапијата, е и недостигот на квалификуван медицински кадар, особено дијабетолошки сестри.
„Докторот дава првична едукација, но сестрата е таа која ја следи и поддржува терапијата секојдневно, особено во првите месеци по дијагнозата“, објасни Велев.
Според него, најпогодени од недостатокот на кадар се локалните средини како Радовиш, Кочани и Ресен, каде што има само по еден или двајца специјализирани лица, додека во Скопје состојбата е подобра.
Тој нагласи дека за децата со дијабетес е особено важна поддршката од стручни лица за правилно дозирање на инсулин, следење на физичката активност и управување со храната, што е клучно за менталното и физичкото здравје на пациентите. Велев посочи дека младите лекари треба уште на студиите да стекнуваат практични вештини за грижа за дијабетичари, за да се намали оптовареноста на локалните здравствени центри.
„Животот не запира, дијабетесот бара брза адаптација. Поддршката во првите недели и месеци е од суштинско значење за пациентот и неговото семејство“, заклучи Велев.
