Велев за 4ТВ: Нема доволно терапија за дијабетичарите, сензори нема повеќе од еден месец

Димче Велев од Сојуз на здруженија на лица со дијабетес вечерва во емисијата Ноќно студио на 4ТВ истакна дека во Македонија се соочуваме со сериозен недостиг на антидијабетна терапија, инсулински помагала и сензори за контрола на шеќерот.

„Не доволно, има недостиг на терапија континуирано. Инсулин има за среќа, но нема антидијабетна терапија и сензори нема повеќе од еден месец“, изјави Велев.

Според него, причината за овие проблеми лежи во „неодговорно планирање“ и доцнење со тендерите, што секоја година доведува до прекини во обезбедувањето на помагалата и терапијата за дијабетичарите.

Тој посочи дека оваа ситуација сериозно ја загрозува терапијата за околу 40.000 пациенти со дијабетес, кои често остануваат без потребните лекови и помагала по повеќе месеци.

„Секоја година зборуваме за истите проблеми, без системско решение“, истакна Велев.

Како позитивен сигнал, тој наведе дека директорот на Фондот за здравство претставил нов модел за 2027 година, кој ќе овозможи „референтна цена во аптека“ и можност секој пациент континуирано да ги добива терапиите и помагалата, без застој. Велев додаде дека со новиот модел Фондот ќе има поголема флексибилност да ги адаптира решенијата за проблемите кои се појавуваат, надминувајќи ги ограничувањата од Министерството за здравство.

„Не знам зошто не им досадува да се реши ова, додека пациентите страдаат. Во развиените земји вакви проблеми нема – секој пациент секогаш ги добива потребните терапии и помагала“, рече Велев, нагласувајќи дека итно е потребно системско решение за обезбедување континуитет на терапијата.