Велика Британија ја назначи Карен Пирс за нов пратеник за Западен Балкан и најави дека наесен ќе организира самит со лидерите на Западен Балкан, кој треба да ја подобри соработката со регионот во борбата против нерегуларната миграција.
Карен Пирс на пролет ќе ја преземе функцијата од претходниот специјален пратеник Стјуарт Пич, соопшти денеска британската амбасада.
Пирс е еден од најискусните британски дипломати. Таа беше британски амбасадор во САД и постојан претставник во ОН во Њујорк – првата жена назначена на двете позиции.
Карен Пирс е назначена за специјален британски претставник за Западен Балкан со мандат да го насочува спроведувањето на британските стратешки приоритети во регионот, вклучително и подготовките за Самитот, се вели во соопштението од британската амбасада.
Министерот за надворешни работи Дејвид Лами оцени дека „Карен Пирс со своето искуство и стручност е вистинската личност за оваа важна работа“. Тој му се заблагодари на лордот Пич за неговата посветеност да им служи и да ги промовира британските интереси на Западен Балкан во изминатите три години.
Лами посочи дека „Западен Балкан е регион од долгорочно значење за Обединетото Кралство“, додавајќи дека партнерствата во регионот играат централна улога во борбата против нерегуларната миграција и сузбивањето на трговијата со луѓе.
Организирањето на самитот на Берлинскиот процес ја покажува посветеноста на европската безбедност и спроведувањето на планот за промени на британската влада, додаде тој.
Министерката за гранична безбедност и азил Анѓела Игл рече дека соработката е клучна ако луѓето треба да бидат спречени да го направат опасното патување до ОК.
„Затоа, преку Командата за гранична безбедност, ги обновуваме силните врски низ Европа и светот, за да се бориме против заедничкиот предизвик на нерегуларната миграција и безбедноста на нашите граници“, додаде таа.
Игл нагласи дека „британската влада веќе договорила нови договори со цел зајакнување на оперативната соработка за борба против криминалните дела на организирана миграција, со земји како Северна Македонија, Србија и Косово“.
„Нашето дејствување на меѓународно поле, како и посилното спроведување на мигрантските политики на територијата на ОК, ќе овозможи разбивање на бизнис моделот на банди кои шверцуваат луѓе, на сите нивоа“, додаде таа.
Фактот дека Велика Британија ќе биде домаќин на Самитот заедно со Германија ја потврдува решеноста на владата да ги редефинира односите со Европа, како и да ги спроведе најновите мерки од нејзината стратегија, кои ќе градат партнерства во борбата против криминалните групи кои овозможуваат илегална миграција, додаде Игл.
Западен Балкан, регион каде Британија има три партнери во НАТО, според британскиот министер, е многу важен за Британија и безбедноста на Европа.
Ризикот од нестабилност се зголемува: регионалните тензии се поттикнати од малигното руско влијание и има итна потреба да се сузбие криминалните банди кои го направија регионот транзитна рута за нерегуларна миграција низ Европа, рече таа.
Британскиот специјален пратеник треба да придонесе и за пошироката мисија на „Планот за промени“ на британскиот премиер, вклучително и работа за сузбивање на организираните криминални групи „со цел да се направат улиците на Британија побезбедни и да се промовираат можностите за економски напредок на британскиот бизнис“, се додава во соопштението од британската амбасада.