Пред две години на венецуелските пазари овошјето се плаќало со кутии полни со банкноти од 100 боливари.
Тоа тогаш воедно била и највисока деноминација во таа земја, а денес, поради несопирливата хиперинфлација, и тие пари се тотално неупотребливи. Продавачите велат дека е сосема лудо да се примаат банкноти од 100, 500 или 1.000 боливари, па сега многумина примаат само нови банкноти, оние од 100.000 боливари. Во спротивно секоја трансакција би требало да се врши со кутија полна пари.
Меѓународниот монетарен фонд оваа недела предупреди дека инфлацијата во оваа јужноамериканска држава до декември би можела да биде милион проценти, што може да се спореди со економската криза во која била Германија по Првата светска војна.
Венецуела, земја со докажано најголеми резерви на нафта во светот, се наоѓа во пет години долга криза поради која многумина не можат да си дозволат ни основни потребштини како храна и лекови, а кога би можеле, прашање е што би можеле да купат, со оглед на празните полици во продавниците. Стапката на криминалот рапидно расте, константно рушејќи рекорди, поради што луѓето се плашат да ги напуштат домовите.
“Очекуваме владата да продолжи со политиката за проширување на базата на пари со кои се покрива фискалниот дефицит што може да придонесе за забрзана инфлација и сеопшт колапс”, напишал Алехандро Вернер, шеф на секторот на ММФ за западната хемисфера.
За обичните граѓани, секојдневие станала борбата за преживување.
„Ние сме милионери, но сме сиромашни. Одвај да имаме нешто за јадење, а ако се разболиме веројатно ќе умреме бидејќи цените на лековите се астрономски”, вели 43-годишната медицинска сестра Маигвлаида Оронос, која работи за минималец од 5 милиони боливари, што е доволно за килограм месо.
Многумина за оваа состојба го обвинуваат претседателот Николас Мадуро, кој, пак, во своја одбрана вели дека Венецуела е жртва на економската војна меѓу САД и Европа. И покрај хиперинфлацијата и катастрофалната ситуација, тој и натаму во своите раце држи огромна моќ, која ја наследил од Уго Чавез. Но, било каква споредба со Чавез, кого харизмата го туркала низ тешките периоди на владеењето, тука застанува.
Мадуро во мај го преземал вториот мандат, иако опозицијата и дел од меѓународната заедница тврделе дека победата била незаконска.
Тој тврдел дека приватните банки шверцуваат пари во Колумбија во рамките на сложен заговор, кој има за цел да ја саботира економијата на Венецуела, и тоа го користел како оправдување за многу свои непопуларни потези.
Еден од неговите планови за борба против инфлацијата е печатењето на нови банкноти, на кои би им се извадиле последните три нули. Но, економистите велат дека тоа нема да помогне.
“Тоа е една козметичка промена која не служи за ништо. Со ваква дива инфлација, а за неколку месеци ќе бидеме на истото место”, вели Асдрубал Оливерос, директор на консултантската куќа Екоаналитика.
За разлика од Германија во 1920. година, граѓаните на Венецуела не возат автомобили полни со пари за да купат производи. Тие се свртеле кон електронски трансакции, но проблемот е во тоа што 40. проценти од жителите немаат банкарски сметки, а други со картички или биткоини плаќаат некои помали трансакции, така што трампата станала многу вообичаена.
“Парадоксот е во тоа што оваа земја минува низ тешка инфлација, а никој нема пари. Ги гледате богаташите како плаќаат паркинг со чоколадо”, вели експертот Џеф Ремзи.
Поради оваа тешка ситуација голем број на луѓе одлучиле да ја напуштат земјата, повеќе од милиони дошле во Колумбија каде, од неупотребливите боливари шијат торбички кои ги продаваат за 20.000 колумбиски песоси.
Некои аналитичари се надеваат дека оваа ситуација би можела да доведе до пад на режимот на Мадуро.
“Венецуела сосема сигурно оди кон политичка нестабилност, но во тој момент би можело да дојде до политичка транзиција”, вели Оливерос.