АВСТРАЛИЈА и Нов Зеланд се соочуваат со екстремно силни ветрови и жештини. Метеоролошките агенции предупредуваат дека температурите во Сиднеј би можеле да достигнат 39 степени Целзиусови, а во Велингтон налети на ветер до 140 километри на час во четврток.
Метеоролошката служба на Нов Зеланд соопшти дека налетите на ветерот би можеле да достигнат брзина од 150 километри на час долж источниот брег на Јужниот Остров и до 140 километри на час околу главниот град Велингтон во четврток.
Властите го предупредуваат населението да остане дома, да избегнува патувања и да се подготви за можни прекини во електричната енергија и комуникацијата.
Предупредувањата доаѓаат откако силните ветрови и обилните дождови во вторникот оставија илјадници луѓе без струја, а едно лице загина во парк во Велингтон кога врз него падна гранка од дрво.
Временските услови се загрижувачки за пожарникарите кои се обидуваат да ги локализираат шумските пожари во близина на Каикура на Јужниот Остров и во Хокс Беј на Северниот Остров, кои се разгоруваат од ветровите.
Помошникот национален командант на Новозеландската противпожарна и итна служба, Кен Купер, изјави дека 14 згради, вклучувајќи пет куќи, биле уништени во близина на Каикура.
Патиштата во областа остануваат затворени, а формирани се центри за евакуација.
Во Австралија, Бирото за метеорологија предупредува дека екстремната топлина во централните региони би можела да биде рекордна и да донесе топлотни бранови и зголемена опасност од пожари.
Се очекува температурите во Сиднеј да достигнат 39 степени Целзиусови во среда.