ВИДЕО 64 мртви во конфликт со нарко картел, бандата ја нападна полицијата со дронови

Најмалку 64 лица ги загубија животите во ГОЛЕМА полициска операција против организираниот криминал во Рио де Жанеиро денес, потврдија безбедносните претставници. Меѓу загинатите има и четворица полицајци, а се стравува дека бројот на жртви би можел да се зголеми бидејќи акцијата е сè уште во тек, јавува CNN .

Снимките од теренот, објавени од CNN Brasil, покажуваат бројни пожари во населбите каде што се врши рацијата, додека во позадина може да се слушне континуирано пукање.

Властите изјавија дека целта на операцијата била „супресија на територијалната експанзија“ на моќната криминална организација Командо Вермељо (CV). Акцијата, велат тие, е планирана повеќе од една година, а во неа учествуваат над 2.500 припадници на војската и цивилната полиција. Досега се уапсени најмалку 81 лице, а конфискувани се 42 пушки.

Според властите, членовите на бандата нападнале полицајци со дронови за време на рацијата. „Како одмазда, криминалците користеле дронови за да нападнат полицајци во комплексот Пења“, објави владата на државата Рио де Жанеиро на социјалната мрежа X, заедно со видео на кое се гледа како дронот испукува проектил. „И покрај нападите, безбедносните сили остануваат непоколебливи во борбата против криминалот“, соопшти владата.

Гувернерот на државата Рио де Жанеиро, Клаудио Кастро, рече дека обемот на конфликтот покажува со што се соочуваат властите. „Ова е обемот на предизвикот со кој се соочуваме“, рече Кастро. „Ова повеќе не е само криминал, ова е наркотероризам“. Гувернерот, исто така, апелираше до жителите на погодените населби да останат во своите домови додека не заврши операцијата.