Македонија

ВИДЕО Градилиштето затрупано, но оставено ширум отворено и целосно небезбедно!

ВИДЕО Градилиштето затрупано, но оставено ширум отворено и целосно небезбедно!

Иако по неодамнешното свлечиште на земјиштето кај градилиштето на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, беа најавени итни мерки за санација и обезбедување на просторот, состојбата на теренот и натаму предизвикува загриженост кај граѓаните.

Видеото направено денеска покажува дека ископот сè уште е отворен, додека на локацијата нема видливи активности. Голем дел од просторот останува недоволно обезбеден, а околу длабокиот ископ може да се забележат насипи од земја, градежен материјал и оштетени делови од инфраструктурата.

На терен се гледаат откриени бетонски шипови, ископан простор покрај коловозот и делумно поставена заштитна ограда, која според граѓаните не е доволна за целосно обезбедување на локацијата. Жителите од околните згради стравуваат дека ваквата состојба претставува потенцијална опасност за пешаците и возачите кои секојдневно се движат во овој дел од градот.

Потсетуваме, пред една недели дојде до сериозен одрон на земјиштето на истото градилиште, при што пропадна дел од улицата покрај ископот. Тогаш беа забележани оштетувања на коловозот и тротоарот, а граѓаните предупредуваа дека претходно укажувале на ризиците и недостатокот на соодветни безбедносни мерки.

По инцидентот, Општина Центар соопшти дека се преземаат итни активности за стабилизација на теренот и дека инспекциските служби ќе продолжат со надзорот. Беа најавени и постапки против инвеститорот и изведувачот поради утврдени неправилности во изведбата.

Сепак, актуелната состојба на теренот отвора нови прашања меѓу жителите – дали најавените мерки се доволни и кога просторот конечно ќе биде целосно обезбеден и безбеден за граѓаните.

Од надлежните институции засега нема нови информации кога ќе продолжат градежните активности и кога ќе заврши санацијата на локацијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни