Новопечениот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално ја презеде функцијата и веднаш се „фрли“ во голема акција за чистење на главниот град.
„Од денес, градот Скопје е слободен, отворен и достапен за сите! Испишуваме ново поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање — и тоа започнува веднаш,“ изјави Ѓорѓиевски при преземањето на функцијата.
Според најавата, акцијата за чистење започнува вечерва во 20:30 часот, а низ улиците веќе можат да се забележат бројни екипи и камиони на терен. Планот предвидува во наредните 72 часа да се исчисти секој агол, улица и запуштен простор во градот.
„Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност, туку во град достоен за нив,“ порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека акцијата е само почеток на нов пристап кон уредување на Скопје.
Интерес и поддршка за акцијата покажаа и останатите општински градоначалници.
Општинскиот татко на Центар, Горан Герасимовски, пристигна на акцијата со својот „Фиат 500“, а градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, порача: „За чистење, јас и Сотир сме први!“
Вечерашната акција се очекува да биде само првиот чекор кон нови иницијативи за уредување и разубавување на градот.