Вистинска драма се одвивала утрово во скопската населба Капиштец, кога големо дрво паднало во непосредна близина на Основното општинско училиште „Киро Глигоров“.
Според изјави на очевидци и родители, инцидентот се случил токму на главниот влез, патека која секојдневно ја користат стотици ученици, наставници и вработени во училиштето.
Само среќа спречила да дојде до сериозна трагедија, бидејќи во моментот на паѓањето на дрвото немало никој во непосредна близина.

Овој настан предизвика вознемиреност и револт кај граѓаните, кои посочуваат дека не се работи за изолиран случај, туку за последица на системска негрижа.
Паднатото дрво е само уште еден доказ за опасноста што ја демнат старите и очигледно болни стебла во урбаните средини, особено околу фреквентни локации како училишта и градинки.