Силен земјотрес денеска го погоди југозападниот дел на Јапонија, а безбедносна камера на Универзитетот во Кумамото го сними моментот на силното тресење.
Снимката ја објави лабораторијата Суенага при Факултетот за образование на Универзитетот во Кумамото. На неа се гледа како просторијата силно се тресе за време на земјотресот што ја погоди префектурата Кумамото.
Американскиот геолошки институт (USGS) првично соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,1 степени. Потресот се случил во 16:28 часот по локално време, на длабочина од 10 километри.
Германскиот сеизмолошки центар GEOFON најпрво ја процени магнитудата на 6,4 степени, а подоцна ја ревидираше на 6,8.
Достигнат највисок интензитет според јапонската скала
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека во најпогодените подрачја земјотресот достигнал интензитет од седум, што е највисокото ниво на јапонската скала за интензитет, која се движи од нула до седум, пренесува NHK.
По главниот потрес бил регистриран и последователен земјотрес со магнитуда од 5,6 степени. Тој се случил во 17:08 часот по локално време, на околу 16 километри североисточно од Цунага во префектурата Кумамото, според податоците на USGS.
Издадено предупредување за цунами
Јапонските власти издадоа предупредување за цунами за морињата Ариаке и Јацуширо. На жителите на крајбрежните подрачја им е наредено веднаш да се оддалечат од брегот и да не се враќаат додека предупредувањето не биде укинато.
Засега нема информации за загинати или за поголема материјална штета.
NOW: M7.1 Earthquake Near Uki, Japan#terremoto #地震 pic.twitter.com/nW2V9kGWkO
— Noteworthy News (@newsnoteworthy) July 28, 2026