На социјалните мрежи кружи вознемирувачко видео на кое се гледа возило, од чиј заден дел виси мачка. Видеото предизвика бурни реакции меѓу граѓаните и активистите за заштита на животните, кои остро го осудија чинот на суровост.
Од Секторот за внатрешни работи – Штип денеска информираа дека работат на расчистување на случајот.
„Откако на социјалните мрежи се појави снимката со возилото, полициските службеници од СВР Штип преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на настанот“, се вели во нивниот официјален одговор.
Граѓанската иницијатива „Ние за благосостојба на животните/We for Animal Welfare“ веќе поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи по електронски пат, а денеска ќе ја достави и во хартиена форма до архивата на СВР Штип. Дополнително, ќе биде поднесена и кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
„Од видеото не може точно да се процени состојбата на мачката, но ваквиот чин претставува сурово постапување кон животните. Влечењето животни со возило е веќе документиран случај на мачење, за што во судската пракса постои пресуда од Основниот суд во Гостивар (К-506/22), каде сторителот беше осуден за влечење куче со возило, нанесувајќи му тешки повреди“, велат од иницијативата.
Активистите посочуваат дека видеото е снимено на патот Штип-Неготино, во близина на планината Серта, а според нив, идентификацијата на сторителот не би требало да биде сложена, бидејќи на снимката се гледаат регистарските таблички на возилото.
Граѓаните и здруженијата за заштита на животните бараат итна реакција од надлежните институции и санкционирање на ваквите случаи, кои, според нив, стануваат сè почести во земјата.