ВИДЕО На Шар Планина регистрирано ново рисче – бројот на забележани единки се зголеми на три

Националниот парк „Шар Планина“ денеска објави радосна вест: со помош на трап-камера е забележана мајка рис заедно со младенче, двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.

Од паркот информираат дека ова е значаен чекор во напорите за зачувување на балканскиот рис, особено по минатогодишниот успех кога првпат беше снимeн мажјак на локалитетот Лешница. Новата снимка е регистрирана на територија на Општина Боговиње и, како што велат од Националниот парк, претставува резултат на „долгогодишна, упорна и професионално спроведена работа“.

Колегата кој ја открил снимката ја добил честа да го избере името на мајката рис, која е именувана Сибел.

Во објавата на „Шар Планина“ се споделуваат и неколку факти за балканскиот рис – критично загрозен вид:

Балканскиот рис е силно територијално животно и секоја единка може да зазема простор поголем од 40 km². Поради тоа, дури и мала зголемување на популацијата е значајно за видот.

Неговата исхрана ја сочинуваат срни, диви кози, зајаци, еребици и други животни од шумскиот екосистем.

Популацијата на пленот на Шар Планина постепено расте, што создава подобри услови за опстанок на рисот.

Во Националниот парк ловот е целосно забранет, што директно придонесува за заштита на рисот и неговата животна средина.

Од паркот додаваат дека новата снимка е уште една потврда за важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот.

„Ова се моменти што даваат надеж и потврдуваат дека нашите напори носат резултати“, порачаа од ЈУ Национален парк „Шар Планина“. Тие низ шега додадоа дека денешната радост ја прославиле „со мекици, онака како што доликува на една добра вест“.