ВИДЕО Најмалку четворица загинати во лавина на Хималаите

Најмалку четири лица загинаа во индиската држава Утаракханд , на Хималаите, поради лавина, јавуваат локалните медиуми.

Инцидентот се случи во петокот на 28 февруари во областа Шамоли, на помалку од пет километри од популарниот хинду храм Бадринат, кој секоја година го посетуваат стотици илјади луѓе.

Под снегот затрупаа вкупно 55 работници вклучени во градежни работи на патишта. Според индиската армија, првично биле спасени 50 луѓе, но четворица од нив им подлегнале на повредите.

„За жал, потврдено е дека четири лица им подлегнале на повредите“, соопшти војската.

Уште пет се водат како исчезнати. Спасувачите користат шест хеликоптери за да ги лоцираат бидејќи патиштата се блокирани. Сепак, работата им ја отежнува слабата видливост и густиот снег.

Лавините се вообичаени во повисоките региони на Хималаите, особено во зима.

Селото Мана, кое се наоѓа во близина на местото на трагедијата, било напуштено откако жителите се преселиле на пониски височини за да избегаат од екстремните временски услови, пишува весникот The Indian Express.

Во 2022 година, 27 луѓе загинаа во лавина во истата држава. Една година претходно, речиси 100 луѓе загинаа кога огромно парче глечер падна во река, предизвикувајќи поплави.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното