Членови на Пливачкиот клуб Харбин го подготвуваат базенот од мраз за натпреварувачите. Мразот на површината од реката Сонгхуа најдобро покажува дека температурата е неколку степени под нулата. Но, тоа не ги спречува неколкуте средовечни натпреварувачи да бидат дел од фестивалот на зимско пливање, традиција која започнала далечната 1980-та година.
„Во, принцип, доколку сакате да се обидете во зимско пливање, или пливање во мраз, треба да се подготвите чекор по чекор. Треба да почнете да пливате уште од есен, за да може телото, односно кардиоваскуларниот систем да се навикне на студената вода. Чувството да се плива во ледена вода е навистина одлично“, изјави Ју Хонгтао – претседател на пливачки клуб.
Повеќе од 300 пливачи, секоја година облечени само во костими за капење, учествуаат на зимскиот фестивал во градот Харбин, познат како пливање во ледена вода. Зимското пливање е многу популарно во Кина, особено во северниот дел. Голем број на Кинези, на возраст од околу 50 години учествуваат на вакви фестивали. Тие веруваат дека на тој начин го подобруваат своето здравје, или пак едноставно само уживаат во зимското пливање.
Градот Харбин, кој се наоѓа во провинцијата Хејлунџанг е најстуденото место во Кина. Во зимскиот период температурите се спуштаат и до 35 степени под нулата. Фестивалот, кој трае еден месец се одржува од 1980-та година и успеа да привлече милиони туристи.