ВИДЕО Страшно невреме во Сплит – траект удри во два брода, едниот потона

Утрово, непосредно пред девет часот, Сплит беше погоден од силно невреме кое за само неколку минути предизвика целосен хаос на градските улици.

Небото одеднаш се затемни, а силен дожд падна над градот, придружен со грмотевици и ветер кој носеше сè.

Силните ветрови соборуваа дрвја и гранки, канти за ѓубре беа превртени, а делови од лим и фасади паднаа од некои згради, објавува порталот „Далмација Данас“.

За многу кратко време, делови од поширокото подрачје на Сплит останаа без електрична енергија, додека сообраќајот во многу делови од градот беше речиси целосно блокиран поради поплавени патишта и затнати одводи.

Драматичните снимки прикажуваат возачи како буквално пловат по улиците, а минувачи бегаат од налетите на ветер и пороите вода.

Според достапните информации, тешко е погодено и сплитското пристаниште, каде што траект се судрил со два други брода.

Еден од бродовите потонал, потврди директорот на Сплитската пристанишна управа, Вице Михановиќ.

„Поради силната бура и ветер, јажињата што го врзувале траектот за него се скинале, па тој се одвоил од брегот и почнал да плови во пристаништето. Прво се потпрел на катамаранот „Крило“, а потоа на голем туристички екскурзиски брод, кој моментално тоне во сплитското пристаниште“, рече Михановиќ.