Два авиона од типот Алфа Џет од составот на елитната акро-група денес, на 25 март, се судрија за време на тренажен лет над воената база Сен-Дизије 113 во источна Франција, соопшти Министерството за вооружени сили на Република Франција.
Инцидентот се случил околу 15:35 часот за време на вежба во која учествувале шест авиони, како подготовка за претстојниот јавен настап. Според снимката што кружи на социјалните мрежи, леталата изведувале акробација испуштајќи чад во боите на француското знаме, кога два авиона се судриле во воздухот, по што паднале на земја. Францускиот министер за вооружени сили Себастијен Лекорну ја потврди несреќата и изјави дека „сите служби за итна помош се мобилизирани“, додека акцијата за спасување и згрижување се одвива во координација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за вооружени сили.
Сите тројца членови на екипажот – двајца пилоти и еден патник – успеале да се катапултираат и биле пронајдени во свесна состојба. Двајца се пренесени во локална болница, додека третиот е под надзор на воената медицинска служба. Нивната состојба е опишана како „релативно стабилна“.
Едниот авион паднал врз силоси на компанијата за производство на бетон Calin, во непосредна близина на базата, при што избувнал пожар. Другиот авион завршил во ближен канал. Противпожарните и спасувачките екипи сè уште се на терен. Засега нема информации за повредени на земја, ниту за материјална штета, а надлежните сè уште не објавиле дали планираните настапи на Patrouille de France ќе бидат откажани или одложени.
Patrouille de France е официјалната акро-група на француските Воздухопловни и вселенски сили, формирана во 1953 година. Групата брои девет врвни пилоти и редовно настапува на национални церемонии и меѓународни митинзи.
Авионот Алфа Џет, познат и под прекарот „Гаџет“, се користи во Франција од 1979 година за завршната фаза од обуката на воените пилоти. Иако оваа обука во 2020 година беше префрлена на швајцарскиот Pilatus PC-21, Patrouille de France и понатаму ги користи Алфа Џет за своите акробатски настапи.
Истражната постапка за причините на несреќата е во тек.