ВИДЕО Светнуваат улиците: Започна новогодишното украсување на Скопје

Скопје полека влегува во празнична атмосфера – вечерва светна улицата „Орце Николов“, симболично означувајќи го почетокот на новогодишното украсување во главниот град. Градските служби веќе работат на терен, додека постапката за избор на изведувач за целокупното украсување сè уште е во тек.

Градот објави оглас за јавна набавка пред само десет дена, барајќи компании кои ќе ги постават новогодишните и божиќните декорации, но роковите се исклучително кратки. Понудите треба да се достават до 4 декември, по што ќе следи избор на изведувач – со можност за нови одложувања доколку пристигнат жалби на тендерот.

Според спецификациите од Бирото за јавни набавки, централна атракција на плоштадот ќе биде новогодишна елка висока најмалку 13 метри, придружена со светлечки декорации, масивни инсталации и големи фигури. Медиумите веќе пренесуваат дека е планирана и 3Д мечка висока околу четири метри, „ѕвездено небо“ и декоративни подароци околу главниот плоштад.

Новогодишната сцена треба да биде импресивна, а компаниите што сакаат да учествуваат мора да докажат сериозно искуство – најмалку три склучени договори од сличен тип во последните три години, со вредност од најмалку 10 милиони денари.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вети дека „Скопје ќе блесне во сјајот на Новата година“, иако процесот се одвива под притисок од време. Градскиот совет одобри буџет од 70.000 евра, кој треба да ја покрие и новогодишната програма и празничните декорации.

Останува да се види дали изведувачот ќе биде избран навреме и дали Скопје ќе успее да го реализира најавениот празничен амбиент што многумина го споредуваат со регионалните метрополи.