Нов тежок инцидент ја потресе македонската фудбалска сцена, овојпат во Трета лига – Север. По завршувањето на натпреварот меѓу Беса (Слупчане) и Аеродром, одигран во Слупчане, бил физички нападнат голманот на гостинскиот тим.
На социјалните мрежи веќе кружи видео од инцидентот, а според неофицијални информации, голманот на Аеродром, Кирил Петровски, поради сериозноста на повредите бил пренесен во болница за укажување на лекарска помош. Нападот се случил веднаш по последниот судиски свиреж, кога дел од играчите и претставници на домашната екипа физички го нападнале голманот.
Од Министерството за внатрешни работи го потврдија настанот:
„На 26.10.2025 година во СВР Куманово лицето И.А. од Скопје пријавило дека по завршување на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на ФК Беса од Слупчане и ФК Аеродром, неколку играчи на гостинскиот тим биле физички нападнати од страна на играчи и претставници на домашниот клуб. Се преземаат соодветни мерки за расчистување на настанот,“ стои во полициското соопштение.
Според информациите, натпреварот завршил со победа на Аеродром (1:2), и тоа по пресврт – Беса поведе во 26. минута преку Шуајб Бајрами, но гостите направија целосен обрат со головите на Стефан Богдановски (83′) и Даријан Аврамовски (88′).
Делегат на натпреварот бил Хајриз Скендеровиќ од Скопје. Во неговиот извештај е наведено дека натпреварот се одиграл според правилата и прописите на ФФМ, дека полицијата била присутна на теренот, и дека видеоснимката од мечот ќе биде доставена до Фудбалската федерација на Македонија.
ФФМ најавува дека ќе побара детален извештај и санкции за сите инволвирани во овој немил настан, кој уште еднаш ја отвора темата за безбедноста и дисциплината на спортските терени во Македонија.