ВИДЕО Трамп на лет за Израел: Војната заврши, го разбирате ли тоа?

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа прогласи дека конфликтот во Појасот Газа е „завршен“ додека отпатува за Израел и Египет за да го одбележи договорот што го постигна меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

„Војната заврши, го разбираш ли тоа?“
Репортер на „Ер Форс Уан“ му посочи на Трамп дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не отишол толку далеку да каже дека војната против Хамас е завршена. „Војната е завршена“, одговори Трамп цврсто. „Војната е завршена“, повтори тој. „Дали го разбирате тоа?“

Американскиот претседател додаде дека смета оти прекинот на огнот ќе се одржи. „Мислам дека луѓето се уморни“, рече тој.

Трамп ги даде овие забелешки додека леташе за Израел за да се сретне со семејствата на заложниците во понеделник наутро, а потоа да одржи говор пред Кнесетот, израелскиот парламент. Попладне, Трамп планира да отпатува во египетското крајбрежно одморалиште Шарм ел-Шеик на „церемонија на мирот на Блискиот Исток“ за да го одбележи договорот меѓу Израел и Хамас.

Според распоредот на Белата куќа, претседателот ќе се врати во Вашингтон во вторник навечер по локално време.